Претставен ревидираниот Оперативен план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2017 година

 

Министерката  за труд и социјална политика Мила Царовска, директорката на Агенцијата за вработување на Република Македонија, Билјана Јовановска и постојаната претставничка на УНДП, Луиза Винтон на конференција за медиумите информираа за усвоените измени на ревидираниот Оперативен план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2017 година.

За ревидираниот Оперативен план се обезбеди 16 милиони евра кои имаат една единствена цел отворање на нови работни места и давање подеднаква шанса за сите. Оперативниот план предвидува право на учество на сите невработени лица  без разлика дали се активни или пасивни баратели на работа, како и можност да се аплицира на огласите до периодот на пополнување на предвидената бројка на апликанти.

Како посебен акцент во ревидираниот Оперативен план се издвојуваат мерките фокусирани на младинската невработеност. Вкупно 140 младински старт-апи ќе бидат поддржани со неповратни средства во висина од 10 илјади евра, а истовремено ќе имаат и поддршка од бизнис ментори кои ќе ги водат низ целиот процес.

До крајот на годината, Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2017 година предвидува поддршка на микро и мали бизниси за креирање на 250 нови работни места за млади до 29 години, како и вклучување на 400 лица корисници на социјални услуги на локално ниво преку мерката Општинско – корисна работа.

Исто така, продолжува поддршката и на лицата со попреченост кои ќе можат да добијат грант од 4,5 илјади евра за отворање на свој бизнис и генерирање на нови 150 работни места.

Со овој план за прв пат се овозможува граѓанските организации да имаат пристап до мерките за вработување со кои ќе се овозможи вработување на 50 невработени лица и за прв пат се предвидени мерки за поддршка на социјалното претприемништво.

Првите нови огласи ќе бидат објавени во текот на следната недела при што целокупниот капацитет на Агенцијата за вработување на Република Макеоднија и 30-те регионални центри се ставаат во служба на исполнување на зацртаните цели.

Повеќе информации на следниот ЛИНК.

Категории

Последни Новости