Можности за поддршка на иновативни проекти во Македонија

Logo CRPPR

 

Десет милиони евра вредната кредитна линија на ПроКредит банка за поддршка на мали и средни иновативни компании, промовирана пред неколку недели, е меѓу најновите во низата извори на финансирање на иновативни проекти во Македонија. Кредитната линија произлезе од договорот помеѓу ЕИФ (Европскиот инвестиционен фонд) и ПроКредит групацијата со кој ќе се пласираат 250 милиони евра за поддршка на мали и средни претпријатија – МСП преку програмата InnovFin. Проектот во Југоисточна Европа за сега се реализира единствено само преку Групацијата ПроКредит, како групација со специјализирани банки за МСП.Компаниите може да ги користат кредитите за инвестиции и во фиксни и во обртни средства.

Токму обезбедувањето на кредитот е најголемиот проблем што го имаат компаниите што се на својот почеток и немаат кредитна историја или пак имот со кој што може да гарантираат кај комерцијалните банки  за бараниот кредит. Нивниот најголем капитал во моментот е самата идеја, за која што е многу тешко да најдат финансиер, а кој што не доаѓа од редовите на нивните блиски, роднини, пријатели, односно самите тие со некаква своја заштеда и сл.

Во меѓувреме, освен банкарските кредити, списокот на потенцијални инвеститори, финансиери и помагачи на иновативни компании и проекти се состои од инвестициски фондови, бизнис ангели, “crowdfunding”, европски фондови…Направивме еден преглед на тоа што во моментов стои како опција за финансирање на иновациите во Македонија, со подетален осврт во приложените рамки на текстот.

 

Инвестициски фондови

Во Македонија во моментов постојат два инвестициски фондови што финансираат иновативни стартапи и проекти. Едниот е државен, Фондот за иновации и технолошки развој, и за една година финансираше со 1,32 милиони евра  33 стартапи преку два свои инструменти – кофинансирани грантови за стартап, спиноф компании и иновации (до 30.000 евра по проект), како и кофинансирани грантови и условени заеми за комерцијализација на иновации (до 100.000 евра по проект).

“При процесот на селекција на проектите што ќе добијат пари од Фондот, се раководиме од следниве критериуми: квалитетот на проектот учествува со 30%,  иновативноста(25%), потенцијал на пазарот (25%), влијание (10%) и капацитет на проектниот тим (10%). “, објаснуваат во ФИТР.

South Central Ventures е инвестициски фонд (финансиран од пари од европски институционални инвеститори, влади и приватни инвеститори), од редот на т.н. venture фондови, односно фондови за ризичен капитал, регионален фонд кој што своја канцеларија има во Скопје од октомври минатата година. SCV е фокусиран на инвестиции во рана фаза до фаза на раст (Early and Growth) во технолошки компании со докажан концепт и остварен “traction” (пазарна побарувачка што може да се квантифицира) кои што се наоѓаат на територија на Западен Балкан, а имаат клиенти на глобален пазар. За почетна (seed) фаза се предвидени до 100.000 по компанија, а за рана до фаза на раст до три милиони евра по компанија.

“Нашиот фонд е во потрага по стартапи кои што имаат продукт или услуга наменети за глобална експанзија. Имаме на располагање 40 милиони евра вкупно за сите земји што ги покриваме, во рок од пет години треба да ги инвестираме, остануваме 3-5 години како малцински сопственици на удел до 49% и потоа планираме излегување од тие компании“, вели Ивана Станковиќ, менаџер за инвестиции во SCV.

Таа објаснува дека она што бараат кај стартапите за да бидат квалификувани за парите од фондот, е пред се’ одличен тим, производ/услуга/решение со уникатна конкурентска предност, висок потенцијал за раст, разработен бизнис модел,  издржана маркетинг стратегија и  можност за меѓународна продажба.

 

ЕУ фондови

Малите и средни компании од Македонија не ги користат парите од европската програма Horizon 2020 наменети за развој и комерцијализација на иновативни производи. Досега едвај десетина компании од земјава побарале помош од локалните координатори на мрежата Enterprise European Network, а кои што пружаат бесплатна помош околу постапката за аплицирање за европските пари, но не се знае колку од нив и аплицирале.

“Сакаме да упатиме уште еднаш повик до македонските мали и средни компании кои што развиваат иновативни производи да се обидат преку програмата Horizon 2020 да добијат средства за кофинансирање на нивните проекти. Вкупниот фонд на програмата е 79 милијарди евра, првиот циклус заврши лани,а вториот трае од годинава до 2020 година. Програмата финансира иновативни технологии, истражување и развој од страна на универзитети, истражувачки центри, инкубатори и компании“, објаснија од Стопанската комора.

Голем дел од вкупните средства се наменети за инструментот – поддршка на мали и средни компании – SME.

“Предноста на овој  инструмент, во однос на досега познатите европски инструменти за поддршка на иновативни проекти, е што компаниите во случајов може да аплицираат сами, а не да мора да бараат партнерства или конзорциуми со фирми од ЕУ“, објаснува Габриела Костовска – Богоеска, директор на Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување, која што е еден од локалните координатори за оваа европска програма во земјава.

Токму условот да бидат дел од конзорциум на компании и истражувачки установи, за да аплицираат за европските фондови беше една од најголемите пречки за македонските компании за искористување на овие пари.

“Компаниите малку потешко сфаќаа дека не може да бидат лидери на проект со својата прва апликација. Исто така, парите од ЕУ фондовите секогаш се кофинансирање, односно, компанијата мора дел од парите за проектот да ги обезбеди сама. А, и оние што ги добива од ЕУ, стигаат откако ќе се реализира проектот, значи периодот додека добиете поврат на дел од инвестицијата, треба да се премости, треба компанијата сама да се снајде. Уште еден предизвик пред фирмите е што проектот ќе биде финансиран од ЕУ само ако покаже потенцијал за продавање во Европа, односно да дефинира европска додадена вредност, а не само локална.“, објаснува Костовска – Богоеска.

 

Иновации

Од пред две години во Македонија функционира и letsfundit.mk, првата т.н. crowdfunding платформа за финансирање на иновативни идеи, односно концепт на групно вложување. Проектот е создаден од страна на невладината организација Summer Work and Travel Alumni Macedonia (SWTA) и овозможува нетрадиционален начин на собирање на средства за финансирање на иновативни идеи. Главен поддржувач во овој концепт е широката јавност која преку вложување на мала сума на пари помага во нивната реализација.

“Платформата треба уште да се доразвива. На почетокот од своето работење се покажа како успешна бидејќи беа реализирани неколку проекти, како и отворени startup бизниси. Сепак  честопати,  поради тоа што е потребно да се сними видео, многумина се откажуваат од идејата да постават проект на платформата. Задоволни сме од ефектите кои беа постигнати за поставените проекти на платформата, но сметаме дека потенцијалот на платформата се уште не е искористен.“, вели Марко Георгиевски, еден од основачите на Letsfundit.

Тој вели дека платформа не е само можност за финансирање на бизниси, туку е можност и за бесплатна промоција на самите бизниси, како и можност за тестирање на пазарот т.е. добивање на првиот feedback од потенцијалните потрошувачи за производот/услугата кој се нуди.

“Периодов сме посветени на едуцирање на сите за можностите кои ги нуди оваа платформа. Многумина сметаат дека со самото поставување на проектот на платформата, работата завршила. Напротив, тука започнува предизвикот и барање на поддржувачи кои веруваат во целата идеја.
Kога го истражувавме crowdfunding концептот  бевме свесни за успехот на  светските платформи Kickstarter, Indiegogo, RocketHub и други. Во регионот знаеме дека постојат платформи во Грција, Бугарија, Хрватска…  Нашата платформа е концентрирана за македонскиот пазар и сакаме да делуваме локално, иако вложувачите можат да бидат од било каде во светот, но не и креаторите на проекти –  тие треба да бидат од Македонија, затоа што нашата цел е поддршка на домашната економија.“објаснува Георгиевски.

 

Фонд за иновации и технолошки развој

Преку 1,32 милион евра досега доделени на 33 стартапи

Државниот Фонд за иновации и технолошки развој досега финансираше 33 стартапи преку двата повика реализирани изминатава година. Доделени се вкупно 1,32 милиони евра, преку двата инструменти: кофинансирани грантови за стартап, спиноф компании и иновации, како и кофинансирани грантови и условени заеми за комерцијализација на иновации. Преку првиот инструмент, Фондот обезбедува финансирање до 85% од вкупниот буџет за проектот, до максимален износ од 30.000 евра, а преку вториот инструмент Фондот финансира до 70% од вкупниот буџет за проектот, до максимален износ од 100.000 евра. ФТИР има уште два инструмента за финансирање –  кофинансирани грантови за трансфер на технологии (до 50% од вкупниот буџет за проектот, до максимален износ од 200 илјади евра)  и техничка помош преку деловно – технолошки акцелератори, инструмент што ќе финансира до 75% проценти од вкупниот буџет на проектот. Минимум 25% треба да бидат обезбедени од страна на апликантот. Максималниот износ што ќе биде финансиран од страна на Фондот за воспоставување, оперативни трошоци, хонорар за менаџирање и за финансирање на акцелерираните претпријатија изнесува 500 илјади евра по формиран акцелератор. Последниве два инструменти од ФТИР се уште не се искористени.
(http://www.fitr.mk/)

 

ЕУ програма  Horizon 2020

Како до пари од европските фондови?

Аплицирањетоза пари од инструментот за мали и средни компании на програмата Horizon 2020 на ЕУ се врши во две фази –  во првата фаза потребна е апликација од само неколку страни, при што се подготвува физибилити студија и бизнис план и за тоа се добиваат до 50.000 евра, а оваа фаза треба да трае најмногу три месеци. Доколку фирмата веќе има подготвено вакви документи, може директно да аплицира во Фаза 2 , при што продуктот треба да се доведе до ниво да е спремен  да се појави на пазар, односно да е доведен до т.н. Ниво на технолошка спремност 6 (TRL 6). Во втората фаза може да се аплицира за средства во износ  500.000 до 2,5 милиони евра или пет милиони евра ако проектот е во областа здравство, и оваа фаза трае 12 до 24 месеци.  Услов за добивање на европските пари е компаниите да не бидат новоформирани, туку да се веќе етаблирани, да имаат максимум 250 вработени, да остваруваат годишен обрт од најмногу 50 милиони евра и да обезбедат 30 отсто од висината на помошта.  За сите детали околу програмата Horizon 2020 и начинот на аплицирање компаниите може да се обратат во Стопанската комора на Македонија (www.mchamber.org.mk ), Сојузот на стопански комори (www.chamber.mk) ЕЕН-М проектот (www.een.mk ), како и Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување (www.mir.org.mk ), кои се локалните координатори за оваа програма во Македонија.

 

Venture инвестициски фонд

South Central Ventures, компанија што ќе менаџира со парите на ENIF фондот- 40 милиони евра обезбедени одEIF, EBRD, владите на Хрватска и Македонија, приватни инвеститори и самите менаџери на фондот. Имаат канцеларии во Скопје, Загреб и Белград. SCV е фокусиран на инвестиции во рана фаза до фаза на раст (Early and Growth) во технолошки компании со докажан концепт и остварен “traction” (пазарна побарувачка што може да се квантифицира) кои што се наоѓаат на територија на Западен Балкан, а имаат клиенти на глобален пазар.

За почетна (seed) фаза се предвидени до 100.000 по компанија, а за рана до фаза на раст до три милиони евра по компанија. Фондот ќе финансира стартапи во седум држави од регионов и фонд менаџерите досега разгледале стотина апликации, од кои педесетина се поканети и лично да ги претстават своите идеи. Од нив околу една петтина доаѓаат од Македонија. Првиот  стартап од земјава што ќе добие пари од SCV ќе биде познат до крајот на првото полугодие од годинава.
(http://sc-ventures.com)

 

Бизнис ангели

CEED Business Angels Club (CEED BA Club) е формиран како подклуб на членовите на CEED Business and Learning Club – Gold, во ноември 2013 година и е меѓу првите клубови од ваков вид во Македонија. Во клубот моментално членуваат 16 претприемачи кои се подготвени да инвестираат во бизнис идеи или во постоечки бизниси, доколку идентификуваат потенцијал за раст, иновации и слично. Првите бизнис идеи пред членовите на клубот беа презентирани на 2 април 2014 година. По едногодишното постоење на CEED Business Angels Club, во месец декември 2014 година е направена првата инвестиција, а втората во мај 2015. Моментално се разгледуват уште четири потенцијални идеи.
(http://ceed-macedonia.org/ceed-club-2/ceed-macedonia-business-angels-club/)

 

Crowdfunding – платформа за групно вложување

Let’s Fund It почна да работи пред околу две години и претставува прва платформа за групно вложување во Македонија, Проектот е создаден од страна на невладината организација Summer Work and Travel Alumni Macedonia (SWTA) и овозможува нетрадиционален начин на собирање на средства за финансирање на иновативни идеи. Главен поддржувач во овој концепт е широката јавност која преку вложување на мала сума на пари помага во нивната реализацијата. Онлајн платформата значи бесплатен пристап за собирање на средства за реализација на нечија иновативна  идеја во областа на  музиката и уметноста, игри и мултимедиа, филм и театар, технологија, мода и дизајн, книги и стрипови, невладини организации, екологија, итн.
Поставувањето на проектот е бесплатно. Доколку ја соберете бараната сума, на собраниот износ се наплатува банкарска провизија како и 5% провизија на износот, со која се помага  развивањето  на оваа платформа, како и за едукација за сите оние кои ќе сакаат да постават проект на платформата во иднина. Доколку не ги  соберете бараните средства, вашите поддржувачи можат да одлучат да ги остават средствата кои ги вложиле, со цел вие да ја реализирате идејата, но  нивните средства можат да бидат пренасочени во друг проект по нивен избор или да им бидат вратени на нивната банкарска сметка.
(https://letsfundit.mk)

 

Инкубатори и акцелератори

-ПСМ бизнис инкубатор

Претприемачки Сервис за Млади (ПСМ) со главна компонента бизнис инкубатор за поддршка на микро, мали и средни претпријатија од областа на информационо-комуникациските технологии преку процесот на бизнис инкубација овозможува пристап до услуги наменети за забрзување на нивниот раст и развој.

Членките на инкубаторот имаат корист од:бенефицирани цени за бизнис канцеларија; право на користење на сала за состаноци; компјутерска лабораториј; просторија за одржување презентации и обуки;  совети во секојдневните операции;  обуки и тренинзи за зајакнување на капацитетите за водење бизнис;  менторирање од страна на домашни и странски врвни експерти, претприемачи и консултанти;  промоција; посредување при финансирање;  поврзување со клиенти;  организирање настани за вмрежување и интернационализација. Досега од инкубаторот се “испилиле“ преку 80 компании и отворени се преку 250 работни места.
(http://www.yes.org.mk)

 

Hub Скопје

Најновиот бизнис акцелератор и т.н. коворкинг простор,  отворен неодамна во Скопје, е кофинансиран од Проектот на УСАИД за микро и мали претпријатија – Центар за развој на претприемачи и менаџери -CEED и Владата на Швајцарија.
Hub Скопје е иновативна работна околина за претприемачи и компании во рана фаза од развојот, фриленсери и индивидуалци што сакаат да почнат сопствен бизнис. Hub Скопје нуди работна околина – биро, пристап до интернет и сала за состаноци, пристап до информации, знаење, потенцијални партнери, клиенти и пазари – преку Б2Б и нетворкинг настани, пристап до финансии – презентација пред Клубот на бизнис ангели на CEED Македонија и поддршка од професионалци за иновации и креативно размислување – совети од консултанти за иновации и бизнис менаџмент.
(http://ceed-macedonia.org/hub)

-New Man’s акцелератор

Тоа е македонско – американска компанија за професионална едукација, развој на кариера и деловно-техничка поддршка, со канцеларии во Скопје и Лос Анџелес. Мисијата на акцелераторот е да понуди модел кој ќе ги поврзува студентите, универзитетите, компаниите, инвеститорите и државните институции. Досега во неколку наврати во акцелераторот присуствувале претставници на европски  фондови  за ризичен капитал, пред кои што дваесетина домашни стартапи ги претставиле своите проекти. После претставувањето на самите идеи, се одржале и неколку состаноци од кои можат да произлезат потенцијални инвестиции. Но,  она што е најголема вредност, според зборовите на самите претприемачи,  биле корисните совети кои може да ги подобрат нештата во нивните  стартапи.
(http://www.newmansba.com)

 

SuperFounders акцелератор

SuperFounders  –  мрежа за поддршка на стартапи во нивната најрана фаза, и се обидува на ефикасен начин да ги спои капиталот и ресурсите за поддршка на иновативни стартапи, како што велат основачите на акцелераторот. “Оваа платформа ја градиме регионално, а се базира на пет столба: меѓународна менторска мрежа, мрежа за бизнис развој, мрежа на инвеститори, регионален инвестициски фонд и локална програма со сите пропратни активности“, објаснува Александар Тасев, еден од основачите на SuperFounders.

Програма за стартапите, која  се состои од неколку работилници чија што цел е да им се помогне идејата која ја имаат, а која сама по себе не е доволна за да се излезе пред потенцијалните инвеститори, да се дотера до фаза на таканаречен mvp (minimum viable product) – стратегија која се користи за брзо и квантитавно тестирање на производ или негова карактериситка. Тоа подразбира дека замисленото треба да се провери дали е product fit и customer fit, односно дали одговара на потребите на пазарот, односно потрошувачите. Овој процес е дел од т.н. lean startup концепт, промовиран од Ерик Рајс, претприемач од Силиконската долина во САД.
(http://superfounders.com)

Ознаки:

Категории

Последни Новости