Бизнис инфраструктура

ЕКОНОМИЈА – СОСТОЈБИ И ПЕРСПЕКТИВИ

Пелагонискиот плански регион има значаен удел во создавањето поволна деловна клима придонесувајќи за зголемување на домашните и странските инвестиции и зголемувањето на конкурентноста на целокупната економија преку поттикнување на претприемништвото и иновативноста, како и унапредување на туризмот и промоција на природните и културните вредности.
Според индексот на економски развој, Пелагонискиот плански регион се наоѓа на третото место во Македонија, веднаш после Скопскиот и Југоисточниот. Во овој регион просечно се создава 13% од вкупниот бруто домашен производ во Р. Македонија, додека БДП по глава на жител во просек е за скоро 12% поголем од оној на ниво на национална економија. Бруто додадената вредност по сектори бележи растечки тренд како на ниво на национална економија, така и во Пелагонискиот плански регион.
Најповолни услови за развој на регионалната економија нуди секторот земјоделство, којшто се карактеризира со силна специјализација на производството во три главни групи на култури: житарици (пченица, јачмен, пченка, шеќерна репа, сончоглед) за кои идеално одговара Битолскиот дел од Пелагонија, потоа, тутунот застапен во Прилепскиот дел од Пелагонија, а оној од типот Вирџинија – доминантен на подрачјето на општина Могила, како и овоштарството (јаболка) најмногу присутни во Ресенскиот дел. Секоја година овоштарството во Пелагонискиот регион бележи значителен пораст, посебно во делот на вишните, кајсиите, сливите, праските, оревите и најмногу, јаболката (производството во 2008 е за скоро 18% поголемо од она во 2007).Во однос на лозарството, иако родната површина и бројот на родни пенушки во 2008 е намален во споредба со 2007, сепак производството на грозје е зголемено за скоро 9% во истиот споредбен период, што укажува на високиот квалитет на земјата. Мошне голема поволност за овој регион е ниската фрагментираност на земјоделските површини (најмала на ниво на плански региони). 1/5 од површината обработуваат земјоделските претпријатија. Тоа овозможува повисока интензивност на производството.

Во Пелагонискиот регион во 2008 година етаблирани се вкупно 7.523 деловни субјекти од коишто најголем број од нив се микро, мали и средни, мерено според бројот на вработени. Бројот на активни претпријатија по градови е следен: Битола – 3.295 (6,45% од вкупниот број во Македонија), Прилеп – 2.290 (4,48%), Крушево – 287 (0,56%), Ресен – 405 (0,79%), Демир Хисар – 255 (0,50%).
Носители на економскиот развој во регионот се микро и малите претпријатија (93% од вкупниот број деловни субјекти за 2008 година), чие учество во вкупното производство е 55%, а креираат 60% од вкупниот број работни места. Сконцентрирани најмногу во услужниот сектор (80%), се карактеризираат со исклучително динамичен раст на производството од 48% во периодот 2003-2006 година, кога нивниот број пораснал за 24%, а нивната продуктивност за 8%. Трговијата е секторот кој се одликува со највисока концентреација на мали и средни претпријатија, и којшто забележува стандарден тренд на зголемување на нејзиниот обем, посебно трговијата на мало, мерен преку остварениот промет. Занаетчиството е исто така добростоечки сектор во Пелагонискиот регион отсликан преку бројот на занаетчии по градови како што следува: Прилеп – 111 (3,81% од вкупниот број во Македонија), Битола – 11 (0,38 %), Крушево – 3 (0,3%), Ресен – 38 (1,30%).
Инвестициските можности во Пелагонискиот регион се мошне поволни, како и на целата територија на Македонија, а посебно во секторите агробизнис и преработка на храна, информатичка технологија, градежништво, облека и текстил, тутун и цигари, туризам, недвижности. Структурата на производство во регионот се одликува со 50 процентна доминација на индустријата, а потоа следат услугите со 39%.
За детално запознавање со инвестициските поволности во Македонија можете да ја посетитете страната http://www.investinmacedonia.com

 

Категории

Последни Новости